Следете нè на:

Вести и настани

21 февруари- Меѓународен ден на мајчиниот јазик

На 21 февруари се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, тоа е време кога лингвистичката различност и љубовта кон мајчиниот јазик се слават низ целиот свет. Како Меѓународен ден на мајчиниот јазик, прогласен е на триесеттата седница на Генералната конференција на УНЕСКО во 1999 година. Во 2000 година, овој датум е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност.

Нашата планета има население од над 6 милијарди, а јазиците се мостови што ги поврзуваат луѓето и цивилизациите со векови. Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците, особено на американскиот и австралискиот континент. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови од светот.

Писменоста и зачувувањето на мајчиниот јазик се многу важни теми на кои треба да се разговара ,а за тоа најдобро говорат резултатите од истражувањето на УНЕСКО. Имено, во светот има 775 милиони неписмени, најмногу во Африка и Азија, а дури 2/3 се жени! Писменоста прво се дефинира како можност за читање и пишување. Иако читањето и пишувањето се основни компоненти на писменоста, концептот на писменост е многу покомплексен.

Писменоста вклучува разбирање на различните аспекти на јазикот и неговата употреба во комуникацијата во сите сфери на животот (УНЕСКО, 2003). Учењето на мајчиниот јазик го поттикнува интелектуалниот и когнитивниот развој. На училиште, најголем дел од инструкциите на децата им се даваат на мајчин јазик, и доколку стекнале доволно познавање на својот мајчин јазик, веројатно е дека нивното вкупно достигнување за време на учењето ќе биде поголемо. Децата што покажуваат послаби резултати во совладувањето на својот мајчин јазик и култура, се покажа дека имаат помалку развиени социјални и интерперсонални вештини и потешко ги прифаќаат различностите.

Познавањето на мајчиниот јазик е многу важно за учење странските јазици затоа што познавањето на мајчиниот јазик и развиените јазични компетенции овозможуваат побрзо и полесно учење на странските јазици. Бидејќи тоа се јазици кои ја прават секоја култура жива и посебна, мајчиниот јазик ни овозможува подобро да ги разбереме другите култури и народи. Грижата и негувањето на мајчиниот јазик е задача и предизвик на секоја одговорна власт, како и дека јазиците воопшто, претставуваат суштина на идентитетот на етнички групи и поединци, но и на нивниот мирен соживот. Јазиците се срцето на целиот социјален, економски и културен живот.

Изреката според која „колку јазици човек познава – за толку луѓе вреди“, во пракса се докажува секојдневно, а познавањето на јазиците на сограѓаните од поинаква националност е уште еден, силен фактор во градењето мостови и надминувањето на разликите во Македонија, на Балканот, и секаде низ светот.

Светот е најцврсто поврзан кога е поврзан со зборови. Честитки по повод Меѓународниот ден на мајчин јазик кој се прославува низ целиот свет.

Платени реклами

Не пропуштајте!

Платени реклами

СЛЕДЕТЕ НÈ НА Facebook

Повеќе од Вести и настани