Следете нè на:

Вести и настани

Раѓањето на патронот на нашето училиште

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

(1872 – 1903)

,,На човекот кој светот го разбираше како поле за културен натпревар меѓу народите, ни на јаве ни на сон, чиниш ни на ум не му идеше дека цел народ, дека генерации низ вековите ќе го изговараат неговото име, ќе се пренесуваат мисловно во неговиот живот, ќе го имаат пред себе за идеал неговиот лик“.

Гоце Делчев е идеолог, организатор и предводник на македонската ослободителна борба на крајот од 19 и почетокот на 20 век. Неговиот светол лик го карактеризираше како вистински народен предводник, како истакнат трибун на македонската самостојност и самобитност, чијшто животен пат и позив беше животворно вткаен во пространата историја на македонското ослободително дело.

Гоцевото грандиозно дело се искачи кон вонредно светлиот монумент на слободата. Неговото име стана знаме и симбол во борбата за слобода, слободољубив трепет и благородна насока во подвизите на револуцијата, во факелите на слободата, носени од прогресивните македонски генерации. Тој беше и „човек што го вплотил во себе сето човештво“ зашто со сета своја револуционерна дејност и посветеност тој ги надмина тесните рамки на националната слобода и излезе со својот хуманизам и космополитизам. Тоа беше превосходен Гоцев чин, вовлечен во големите тенденции на човештвото затоа што неговата татковина беше целиот свет, а светот беше негова татковина.

Георги ( Гоце ) Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш во родољубиво еснафско семејство кое се смета за едно од најстарите во Кукуш. Неговиот татко Никола бил трговец. Мајка му Султана со своето милозливо срце ја добила љубовта на сите кукушки сиромаси. Најраните детски години му поминуваат во периодот на раздвижување и немир во Македонија. Како ученик бил многу примерен и внимателен. По завршувањето на третиот клас од основното трикласно училиште сакал да го продолжи образованието во Солун за да се здобие со повисоко образование. Буен, со немирен дух, со остар и прониклив ум, Гоце брзо се нашол во тајните ученички кружоци меѓу кои се ширеле револуционерните идеи. По завршувањето на четврти клас се запишал во военото училиште во Софија. Дошол во контакт со основачот на македонската социјалистичка група Васил Главинов. На 24 септември 1894 година бил исклучен од военото училиште, ја напушта Софија и се враќа во Македонија, во Штип, каде работи како учител. Тука се среќава со Даме Груев, му кажува дека нема понесреќен народ од македонскиот и дека никаде нема пошироко поле за работа отколку во Македонија. Гоце стоел цврсто на принципот на самостојност и независност на организацијата, безсекакви надворешни влијанија и мешање. Тој се вклучил во македонското револуционерно дело со сето свое срце и душа, ја внел во него целата своја енергија. Неговиот живот му припаѓа на македонското ослободително дело. Загинува на 4 мај 1903 во Баница. По неговото убиство четата се борела за неговото тело. Димо Хаџи-Димов, учесник во таа борба вака ги опишува првите мигови по убиството на Гоце Делчев : ,,Нема да ја заборавиме и до последната своја минута позата на Гоце откако куршуми беа му ги раскинале градите. Речиси цел ден и цела ноќ ние скршени го гледавме својот водач легнат како жив со глава наведната кон земјата. Тој небаре плачеше над својата судбина, над судбината на сите паднати како него, над судбината на цела Македонија. Петнаесет саати ние го гледавме мртвиот Гоце приведнат мислиш над гробот на Македонија и петнаесет сати ни се кинеа срцата“.

Така, во бојот кај Баница загина Гоце Делчев, храбро и достоинствено. Го даде својот млад живот за ослободување на Македонија. Гоцевото име, неговото големо дело е вградено во цврстите гранитни столбови на македонската државност и слобода. Гоце Делчев е најсветлата македонска ѕвезда која гордо свети над Македонија.

Платени реклами

Не пропуштајте!

Платени реклами

СЛЕДЕТЕ НÈ НА Facebook

Повеќе од Вести и настани