На 21 февруари се одбележува Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, тоа е време кога лингвистичката различност и љубовта кон мајчиниот јазик се слават низ целиот свет. Денот на мајчиниот јазик се слави во спомен на студентите кои ги загубија своите животи на демонстрациите во Источен Пакистан, денешен Бангладеш, 1952 година, борејќи се за статусот на нивниот мајчин јазик.
Како Меѓународен ден на мајчиниот јазик, прогласен е на триесеттата седница на Генералната конференција на УНЕСКО во 1999 година. Во 2000 година, овој датум е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и повеќејазичност.
Нашата планета има население од над 6 милијарди, а јазиците се мостови што ги поврзуваат луѓето и цивилизациите со векови. Постојат околу 6.000 до 7.000 различни јазици во светот. Некои земји се јазично хомогени, како што е Исланд, додека значителна јазична различност е забележана во многу земји. На пример, Индонезија има над 700 јазици, или Папуа Нова Гвинеја, со повеќе од 800 јазици (УНЕСКО, 2003).
Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците, особено на американскиот и австралискиот континент. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови од светот. Писменоста и зачувувањето на мајчиниот јазик се многу важни теми на кои треба да се разговара, а за тоа најдобро говорат резултатите од истражувањето на УНЕСКО. Имено, во светот има 775 милиони неписмени, најмногу во Африка и Азија, а дури 2/3 се жени!
Грижата и негувањето на мајчиниот јазик е задача и предизвик на секоја одговорна власт, како и дека јазиците воопшто, претставуваат суштина на идентитетот на етнички групи и поединци, но и на нивниот мирен соживот. Јазиците се срцето на целиот социјален, економски и културен живот.
Изреката според која „колку јазици човек познава – за толку луѓе вреди“, во пракса се докажува секојдневно, а познавањето на јазиците на сограѓаните од поинаква националност е уште еден, силен фактор во градењето мостови и надминувањето на разликите во Македонија, на Балканот, и секаде низ светот. Светот е најцврсто поврзан кога е поврзан со зборови. Честитки по повод Меѓународниот ден на мајчин јазик кој се прославува низ целиот свет.
По тој повод преку работилница и учениците во нашето училиште го прославија Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Најпрво беа прочитани интересни факти за јазиците во светот, па учениците пишуваа зборови на повеќе јазици и на крајот изработија постер.