Под мотото „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар на народите“ – Гоце Делчев, нашето училиште на 4-ти Мај го чествуваше својот патронен празник.
Вработените и учениците во присуство на поканети гости на свечен начин одбележаа 119 години од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев, деец на Македонската револуционерна организација, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење чие име денес со гордост го носи нашето училиште.
Со чувство на најдлабока почит кон делото на Гоце Делчев пред неговата спомен-биста во училиштето свежо цвеќе положија ВД директорката и вработените, градоначалникот и претставници од Локална самоуправа, здруженија и организации од локалната средина.
На почетокот од свеченоста ВД директорката Снежана Котева им се обрати на присутните истакнувајќи дека мислата на Гоце Делчев за културен натпревар на народите е космополитска мисла што не следи и мотивира во остварување на целите на воспитно-образовниот процес. Ги истакна стратегиите на ангажирањата кои го водат училиштето напред во реализацијата на наставата и учењето во интерес на индивидуалниот раст и развој на учениците.
– Нашето училиште е постојано насочено кон подобрување на квалитетот на целокупното работење. Во овој контекст нашата визија гласи:„Ние сакаме да развиваме училиште кое подготвува мотивирани ученици за доживотно учење во амбиент на современи нагледности и технологии, развива способности и вештини за истражување, експериментирање и решавање на проблеми во услови на еднакви можности за сите, со целосни услови за достапност, пристапност и инклузивност, гради вредности на заедништво, почитување на различноста и толеранција“ – истакна таа.
Посебно обраќање до присутните имаше градоначалникот на Општина Прилеп Борче Јовчески кој истакна дека животот и делото на Гоце Делчев се инспирација за залагања и постигнувања на општествен план денес и во иднина.
Преку реферат, пригоден осврт на ликот и делото на Гоце Делчев даде наставничката Билјана Јагуриноска.
Присутните имаа можност да се потсетат на неговите биографски податоци, на неговата прерана смрт, но и на неговите најзначајни мисли и пораки искажани од соборци и блиски соработници на Гоце Делчев.
Со пријатни чувства и позитивни емоции од страна на присутните беше проследена пригодната програма подготвена во чест на овој свечен ден која изобилуваше со разновидни претставувања на учениците од различни возрасти од нашето училиште.