Следете нè на:

Вести и настани

Први Мај – Меѓународен ден на трудот

Денот на трудот е меѓународен празник кој се одбележува на 1 мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.

Се празнува на првиот ден од мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго. Целта на штрајкот на околу 40.000 работници била да се издејствува воведување осумчасовен работен ден. Полицијата употребила сила и имало жртви. Организаторите на штрајкот биле изведени на суд, а четворица од нив биле погубени.

Во спомен на жртвите од чикашкиот штрајк, Втората интернационала на својот основачки конгрес во 1889 година во Париз донела декларација со која работниците се повикуваат на масовни демонстрации на 1 мај за да ја подобрат својата положба. Оттогаш празникот е манифестација на класната солидарност на работничката класа во светот. На првиот конгрес на Втората интернационала одржан во 1889 година било одлучено „Први мај да биде заеднички празник во сите земји, на кој работниците треба да манифестираат единство и солидарност во своите барања за подобрување на својата положба“. Оттогаш празникот е манифестација на класната солидарност на работниците во светот.

Работничките синдикати се следбеници на оваа иницијатива. До денешен ден, како во целиот свет, така и кај нас, Први мај се одбележува во спомен на Чикашките работници, на оние кои своите животи ги дадоа за подобри работни услови. Во Македонија синдикалните почетоци датираат од 1908 година кога е формиран првиот легален Синдикат на чевларските работници. На Првиот земски конгрес на работниците и намештениците на Македонија, кој се одржал во Скопје од 18 до 21 август 1946 година, продолжува традицијата на синдикализмот од пред војната, со формирањето на единствената синдикална организација – Сојузот на синдикатите на Македонија.

Во Македонија Први мај е државен празник, како и во повеќе земји во светот. Се до 2006 година Први мај се празнуваше два дена, на 1 и 2 мај, а од 2007 година се празнува само еден ден. Вообичаено кај нас, овој ден се користи за излети во природа. Скоро секој град има свои традиционални излетнички места, а тоа се најчесто зелени прекрасни ливади покрај вода каде населението ја пали традиционалната скара и со песна и игра го поминува денот на трудот.

Платени реклами

Не пропуштајте!

Платени реклами

СЛЕДЕТЕ НÈ НА Facebook

Повеќе од Вести и настани