Учениците од одделенска и предметна настава, водени од своите наставници, разговараа за потребите на нашето училиште и анализираа области кои треба да се подобрат. Тие беа поттикнати да размислуваат критички и да ги аргументираат своите ставови. Од собраните информации избраа еден проблем во чие решавање би сакале да се ангажираат – подобрување на условите во училишниот двор за игра и рекреација. Изборот е направен на демократски начин, преку усвојување на мислењата на учениците од страна на членовите на Ученичкиот парламент. Потоа, преку анкета, ги добија предлозите на учениците од четврто до деветто одделение за тоа како би можеле да се подобрат функционалните услови во училишниот двор.
Беше прифатена идеата да се нацртаат едукативни цртежи кои ќе им овозможат на учениците од пониските одделенија преку игровни активности да се дружат и да ги развиваат психомоторните вештини. Учениците, помогнати од наставниците, наравија план на активности кои треба да ги преземат за да се реши проблемот.
Планот вклучуваше:
1. Какви активности треба да се преземат;
2. Колку време ќе трае активноста;
3. Поделба на улоги (кој што ќе прави од учениците);
4. Надворешна помош (кои надворешни фактори можат да се вклучат и како);
Потоа презедоа конкретни активности со цел да го решат лоцираниот проблем. Побараа поддршка од раководството на училиштето да им помогне да се обезбедат потребните ресурси за спроведување на планираната активност. Нивното барање беше поддржано, а се избраа и ученици од петтите и деветтите одделенија за изведување на потребните активности во дел од училишниот двор. Поддржани од одделенските наставници, наставникот по ликовно образование, стручните соработници, родители, на дел од плочник во училишниот двор кој е во рамките на спортските терени нацртаа и обоија едукативно – рекреативни цртежи за игри и рекреација на учениците од помалите возрасни групи.
Тие меѓусебно соработуваа, комуницираа, слободно ги изразуваа своите мислења и ставови. Задоволни од сработеното се согласија дека, и понатаму ќе поддржат да бидат продолжени залагањата за унапредување на условите во училишниот двор за поефективно користење на дел од слободното време кое го поминуваат во него.