Ние градиме едно инклузивно општество каде сите лица имаат право на еднакви можности за развивање на личниот потенцијал до максимум. Сите се раѓаат со различни способности и предиспозиции, а современата цивилизација има обврска да обезбеди начини на компензација на бариерите кои кои произлегуваат од општествената средина.
Бидејќи цврста куќа се гради од темел, инклузивното општество започнува од образованието. Во нашата држава се направени темелни измени во Законот за основно образование кои во најголем дел се однесуваат на инклузивно образование. Тоа значи дека секое дете има право на образование и тоа во најблиското училиште во група од своите врсници.
Училиштата пак имаат обврска да направат прилагодувања соодветни на потребите на своите ученици. Градиме училишта по мерка на детето каде системот е флексибилен. Законот дозволува прилагодувања на наставната програма каде се креира Индивидуален образовен план за учениците кои имаат соодветна препорака од стручното тело на проценка според Меѓународната класификација на функционалности.
Очите на наставниците сега ги гледааат можностите и потенцијалите на учениците. Неуморно ја диференцираат наставата соодветно на сознанијата добиени од формативното следење на учениците.
Акцент се става на учеството на учениците за време на наставните активности, затоа што секој има некоја дарба. Работата на наставникот е да ја открие и систематизирано да ја развива. Да ги разбие стереотипите и да ја гради свеста кај младата популација дека богатството на една нација е токму во различностите.
Од секој човек има што да се научи и големината на човекот расте со добрите дела кои тој ги прави во животот.
Човештвото е збир од различности, а сепак сите сме исти.