Од оваа година 5 мај се одбележува како Ден на македонскиот јазик. Прогласувањето е во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945-та за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис со што беше стандардизиран македонскиот јазик.
На 2 август 1944 делегатите на Првото заседание на АСНОМ го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. На 3 мај 1945 е усвоена македонската азбука, а на 7 јуни е усвоен македонскиот правопис, со што се стандардизира македонскиот јазик и станува јазик на државата.
Процесот на создавање на азбуката бил долг и не бил лесен. Тоа го опишал и Блаже Конески. Имало две комисии, а според некои три и не се согласиле сите одеднаш.
„Конески бил најупорниот за овој тип на азбука, затоа што сметал дека најдобро ја одразува реалноста, вистинитоста на македонскиот изговор и на македонскиот правопис кој доаѓа подоцна. Конески тоа го докажува со пишувањето на Граматиката на македонскиот литературен јазик, првиот и вториот дел во 1952 и во 1953, а во периодот од 1961 до 1966 година следува издавањето на тритомниот Речник и со тоа се заокружува процесот на стандардизирањето. Во сите три акции Блаже Конески е човекот локомотива“. – Проф. Људмил Спасов.
Овој ден треба да биде ден на оддавање почит на македонскиот јазик и на сите претходници кои го создавале писмениот, литературен, стандарден јазик, како и долг кон иднината – дека македонскиот јазик треба да се негува и да се шири.
Во овие околности и нашите ученици дадоа придонес во одбележувањето на овој за нас голем празник со своите пораки, мисли, хаику поезија и рецитации.
Нека ни е честит и вековит Денот на македонскиот јазик!