Следете нè на:

Вести и настани

8 – ми Декември денот на Свети Климент Охридски

Тој е првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог.

Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на Светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 или почетокот на 868 година Светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил во Рим Свети Климент заедно со Свети Методиј се вратил во Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба.

По смртта на Св. Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија во почетокот на 886 година Свети Климент заедно со Свети Наум и Свети Ангелариј дошле во Бугарија, од каде што биле испратени во Охрид. Овде Св. Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа, наречена и прв словенски универзитет, во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Паралелно со црковната и педагошката се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност.

Нему му се припишуваат опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници, пофални слова за други празници на апостоли и маченици и многу други дела.  

Не помалку значајна е и неговата преведувачка дејност. На Св. Кирил и Методиј им помагал во преведувањето на потребната литература за црковната богослужба, а самиот го превел целиот Цветен триод.

Свети Климент уште за време на животот бил многу популарен меѓу народот, веднаш по неговата смрт неговиот култ уште повеќе се раширил. Се создале многу преданија во кои се среќава неговиот лик. Едни од нив содржат биографски податоци за светителот, други содржат мотиви со исцелителска содржина и раскажуваат за неговата моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки. Извесен број преданија зборуваат и за неговата просветителска дејност, за тоа како го описменувал населението, како го поучувал да ја обработува земјата, да одгледува овошни дрвја и како да гради поубави куќи да живеење.

Се претпоставува дека Св. Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 9 август во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата „Св. Пантелејмон.“ Уште за време на животот Св. Климент својот именден го празнувал на денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на Светиот свештеномаченик Климент папа Римски  на 8 декември.

Во прилог на постот проследете ги рециталите од нашите вредни ученици по повод празникот 8 – ми Декември Свети Климент Охридски.

Платени реклами

Не пропуштајте!

Платени реклами

СЛЕДЕТЕ НÈ НА Facebook

Повеќе од Вести и настани