Следете нè на:

Вести и настани

5 Мај – Ден на македонската азбука

На денешен ден, 5 мај, 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.

Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем. До 10 век македонскиот јазик користел различни други писма, како што е грчкото писмо, но со појавата на глаголицата се стандардизирала писменоста.

Така, од 10 па сè до 19 век македонскиот јазик ги користел следните азбуки: глаголица, кирилица, црковно-македонско писмо. Нашиот великан Блаже Конески, чијшто заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификацијата на македонскиот јазик се огромни, во една пригода рекол дека ,,Јазикот е нашата најкомплетна татковина”.

Со решение на АСНОМ од 2 август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава. На 2 август 1944 делегатите на Првото заседание на АСНОМ го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. На 3 мај 1945 е усвоена македонската азбука, а на 7 јуни е усвоен македонскиот правопис, со што се стандардизира македонскиот јазик и станува јазик на државата – во тоа време Демократска Федерална Македонија која е во заедница со другите југословенски народи. Секој си имал свој државен јазик и македонскиот се издигнал на ниво на државен јазик.

Првата стандардизација е направена уште од Крсте Мисирков во 1903-та, но не заживеала, освен во неговата книга, затоа што не постоела држава за да стане стандарден јазик односно да биде јазик на администрацијата, образованието, на науката и на културата воопшто. Стандардизирањето е овозможено со создавањето на државата, со АСНОМ во 1944 година.

Најбогатиот период во поглед на развојот на стандардната македонска азбука е периодот на преродбата, поточно од средината на XIX век до почетокот на XX век. Во овој период голем број македонски интелектуалци вршеле реформи за поедноставување на македонската азбука и со тоа стандардизирање на македонскиот правопис.

Нека ни е честит 5 Мај, Денот на македонската азбука и македонскиот јазик.

Платени реклами

Не пропуштајте!

Платени реклами

СЛЕДЕТЕ НÈ НА Facebook

Повеќе од Вести и настани