Следете нè на:

Некатегоризирано

За Патронот

“ На човекот, кој светот го разбираше како поле за културен натпревар меѓу народите, ни на јаве…ни на сон….чиниш ни на ум не му идеше дека цел еден народ, дека генерации низ вековите ќе го изговараат неговото име, ќе се пренесуваат мисловно во неговиот живот и ќе го имаат пред себе за идеал неговиот лик”

           Оваа  година, на 4 Мај се навршуваат 110 години од смртта на Гоце Делчев – идеологот , организаторот и предводникот на македонското  национално- ослободително движење , видната маркантна фигура на Македонија. Денес, ја изразуваме должната и признателна почит кон овој голем син на македонскиот народ, сакајќи уште поавтентично да го откриеме и да го определиме неговиот светол лик во перспективите на времето, да го означиме сето она што го карактеризираше како вистински народен предводник, како истакнат трибун на македонската самостојност и самобитност, чијшто животен пат и позив беше животворно вткаен во пространата историја на македнското ослободително дело.

       Гоцевото грандиозно дело се искачи кон вонредно светлиот монумент на слободата. Неговото име стана симбол на борбата за слобода, слободољубив трепет и благородна насока во подвизите на револуцијата, во факелите на слободата  носени од прогресивните  генерации.Затоа што тој беше вистински народен трибун, знаменосецец и челник во борбата за национално и социјално ослободување. Тој беше и човек што го вплотил во себе сето човештво, затоа што со сета своја револуционерна дејност и посветеност тој ги надмина тесните рамки на националната слобода  и излезе со својот хуманизам и космополитизам.Тоа беше превосходен Гоцев чин, вовлечен во големите тенденции на човештвото, затоа што неговата татковина беше целиот свет, а светот беше неговата татковина.

        Георги ( Гоце) Делчев е роден на 4 Февруари, 1872 година во    Кукуш, во родољубиво еснафско семејство, кое се смета за едно од најстарите во Кукуш.Неговиот татко Никола бил трговец. Мајка му Султана, со своето милозвливо срце ја добила љубовта на сите кукушки  сиромаси.Најраните детски години му поминуваат во период на раздвижување и немири во Македонија.Како ученик бил многу примерен и внимателен.По завршувањето на третиот клас сакал да го продолжи образованието во Солун за да се здобие со повисока култура и образование.Буен, со немирен дух, со остар и прониклив ум, Гоце бргу се нашол во  тајните ученички кружоци каде се ширеле револуционерните идеи. По завршувањето на четврти клас се запишал во военото училиште во Софија. Таму доаѓа во контакт со оснивачот на македоската социјалистичка група –Васил Главинов.Поради револуционерните идеи ,на 24 Септември 1894 година бил исклучен од военото училиште и ја напушта Софија. Се враќа во Македонија и во Штип работи како учител.Тука се среќава со Даме Груев каде што му кажува дека нема понесреќен народ од македонскиот и дека никаде нема пошироко поле за работа отколку во Македонија…..дека треба да се просвети и организира народот, да се вооружи и да му се влее вера во неговите сили за да разбере како може да се оттргне од ропството и мизеријата, да му се отворат очите.

Оттогаш Гоце Делчев се вклучува во македонското револуционерно дело со сето свое срце и душа и ја внесува во тоа дело сета своја енергија. Својот живот му го посветил и го дал на македонското ослободително дело !

       Загинува на 4 Мај, 1903, во Баница. Трагичната смрт на Гоце Македонија ќе ја завие во траур, а бројните почитувачи на неговата личност ќе почувствуваат нанадомеслива загуба. Таа смрт ќе ги прекине сите негови далекусежни планови. Ќе изгасне најсветлата ѕзезда на македонското револуционерно небо.

       Така ќе слезе од историската сцена првиот апостол на македонската револуција, трибунот на македонската самостојност и самобитност.Но ,неговиот лик и неговото импозантно дело се длабоко вктаени во поновата историја на македонскиот народ. Неговото име ги персонифицира високите дострели на македонската илинденска генерација и ќе стане непресушна инспирација и патоказ на наредните генерации македонски револуционери.

Горди  што нашето училиште го носи неговото име, го изразуваме нашиот длабок пиетет на овој голем син на македонскиот народ и го потврдуваме големото значење на овој народен предводник чијшто животен пат беше животворно вткаен во пространата историја на македонското ослободително дело.

Нека му е вечна чест и слава !

Платени реклами

Не пропуштајте!

Платени реклами

СЛЕДЕТЕ НÈ НА Facebook

Повеќе од Некатегоризирано